Вардар 1961 има серија од два порази во Лигата на шампиони. По тешките дуели со Монпеље и Алборг, во Скопје доаѓа уште еден квалитетен противник.
Актуелниот македонски првак во среда го пречекува Кил, кој покажа дека има слабости, против Пик Сегед пропушти чиста победа, додека во Бундес-лигата беше совладан од Магдебург.
„Кил доаѓа кога не е во најдобра форма и има некои играчи кој не се во составот. Нас повеќе не оптеретуваат вестите токму околу составот, јас би сакал Кил да дојде во полн состав, за да Вардар го покаже својот квалитет. Сакам Вардар да не игра само во моментите на инспирација, носен од добрата атмосфера, па да падне како против Монпеље. Сакам да победуваме и кога не играме најдобро. Не треба да бараме оправдувања, сите знаат дека ние сме нова екипа. Ме радува тоа што Вардар има простор да напредува, да биде уште подобар. Игравме добро против Алборг, ја загубивме средбата во последните неколку минути од првото и првите неколку минути во второто полувреме. Противникот знаеше да ги казни нашите грешки.
Ние сме мотивирани, од тренерот до играчите, сигурен сум дека не треба да ги повикувам навивачите да дојдат во сала, ќе дадеме се од себе да го победиме фантастичниот Кил без разлика што не доаѓа во комплетен состав. Најважно е Вардар да одигра добар меч, да го покажеме својот квалитет“, изјави Вујовиќ.
Предводникот на македонскиот првак потенцира дека мора да се прекине серијата на порази, историјата на Вардар не дозволува неговиот тим да влезе во криза.
„Кил е скап тим, сите играчи се репрезентативци не некоја земја, актуелен првак на бундес-лига и европски првак од пред година дена. Но, Вардар со својата историја не смее да дозволи да врзи неколку порази, тоа не е вистинска екипа, таа серија мора да ја прекинеме, дали ќе бидеме Кил или Сегед, нашата желба и емоции нема да го дозволи тоа. Имаме победници, ќе дадеме се од себе. Луѓето ќе знаат да ја препознаат нашата борба, мора да имаат трпение, Вардар е направен пред месец дена“, додаде Вујовиќ.
Натпреварот е закажан во среда со почеток во 20:45 часот.