Пишува: Зоран Ѓоршоски
Пред стартот на тековниот шампионат, нели јубилејниот 30. по ред, Шкендија како шампион и Шкупи како клуб кој вложи многу во квалитетни играчи, се наметнуваа како единствени сериозни кандидати за титулата. Некои ги споменуваше и А. Пандев, Работнички, Македонија ЃП, Ренова и Струга ТЛ како екипи за висок пласман… и тоа беше тоа.
Па, така, откако заврши првиот круг време е да направиме “пресек“ на резултатите на Шкендија и Шкупи, поточно на Шкупи и Шкендија со оглед на тоа дека чаирчани се лидери. И не само што се лидери, туку тимот на Гоце Седлоски по првиот круг, по тие 11.кола на шампионот му бега цели 9 бодови.
Се разбира дека има уште многу да се игра, уште цели 22 кола, но некои работи и повеќе се од јасни. Имено во манир на шампионски состав, Шкупи и кога не блеска успева да победи, понекогаш на рутина и “ сув квалитет“, секако и тренерско знаење. Додека Шкендија за да победи ќе мора да блеска, да одигра екстра квалитетно.
Е, во тоа е разликата, а секако да ги споменеме и подемите и падовите во тимот на Бруно Акраповиќ. А, така не се станува првак, поточно не се одбранува титулата.
Факт е дека Шкупи има уште да прикаже од својот потенцијал, сите ресурси докрај не се исцрпени, а има и голема предност од 9 бодови. Значи чаирчани треба по ред три меча да загубат а Шкендија во серија трипати да победи.
Ќе се сложите, тоа е невозможно.
Рековме има уште многу да се игра, до мај има уште многу, многу мечеви да се одиграат, но, сепак, сепак некои работи, ако не сите, му одат во прилог на тимот од Чаир.
И на крај, реално Шкупи го има и најдобриот тим, има долга клупа, има се што треба. Шкендија по заминувањето на Бесарт Ибраими е речиси 30% послаба, Гури е супер играч, но не е Бесарт.
Никако не сакам да кажам дека само Шкупи и Шкендија се во “игра“ за титулата, Ренова игра одлично, А. Пандев се враќа, но искрено и реално, само Шкупи и Шкендија имаат играчки квалитет за титулата.
За самото 11.коло што да се каже? Шкупи во дербито ја доби Ренова, по што “гипсарите“ беа револтирани од судењето. Шкендија го победи Работнички, додека Брегалница го “растури“ Пелистер.
Скопје на “крилјата“ на Јашаровски ги освои трите бода, и тука гостите реагираа на судењето. А. Пандев победи во Велес. Во Ѓорче домашната Македонија ЃП и Струга ТЛ одиграа 1:1.