„Ил Месаџеро“ излезе со информација дека тренерот на Лацио Маурицио Сари влегол во конфронтација со фудбалерите и притоа ги прашал дали намерно губат за тој да добие отказ од кормилото на „орлите“. Според информациите на „Ил Месаџеро“ тоа се случило по поразот од Болоња од 0:3, а потоа ситуацијата се повторила по поразот од Верона со 1:4 во неделата.
„Орлите“ имаат само еден поен од последните четири гостувања во Серија А.
По последниот пораз, Сари на пресконференцијата го критикуваше тимот:
„Вакво нешто е недозволиво. Не ми е јасно како овој тим може да ги победи Рома и Интер, а потоа губи од Болоња и Верона. Тоа ме тера да мислам дека си имаме работа со сериозен недостаток на менталитет. Овој настап против Верона ме изненади, затоа што се согласивме колку е важен натпреварот, а потоа се стопивме како снег на сонце. Верона беше многу агресивна и доминантна“, изјави Сари.
Лацио во среда ќе игра против Фиорентина во 10.коло од Серија А.