Е.Пелистер одигра неверојатен меч на гостувањето кај Кадетен Шафхаузен, губеше со осум разлија, на крајот со голот на Јосип Периќ успеа да се избори за бод, дуелот заврши без победник 28-28 (16-11).
Македонскиот тим покажа две лица, во првите 30. минути беше под нивото, но потоа најде сили и мотив, ги искористи двете исклучувања кај домашниот состав за прв бод оваа сезона.
Токму херојот на Е.Пелистер, Периќ беше прв стрелец со шест гола, по четири имаа Мандалиниќ и Маркоски.
Битолчани очајно го отворија првото полувреме, дури во деветата минута го постигнаа првиот гол на мечот, Обрадовиќ реализираше за 5-1. На другата страна Кадетен без милост ја полнеше мрежата на македонскиот вицепрвак, дојде на 8-2, а наголемата позитива во овој дел изнесуваше плус осум (12-4 и 14-6). Избраниците на Жељко Бабиќ на одморот намалија на 16-11.
Многу подобра игра Е.Пелистер покажа од 43. минута. Иако имаше одново негатива од осум гола (20-12), сепак со серија од 1-6 намали на 21-18 во 47. минута. Граџан, Мандалиниќ, Периќ и Велковски беа креатори на кам-бекот, на спротивната страна Кадетен мораше да повика тајм-аут.
Битолчани продолжија да притискаат, спуштија и на минус два (22-20 и 23-21). Во последните десет минути сликата беше иста. Конечно на две минути до крајот противникот остана со играч помалку, Маркоски, кој беше одличен вечерва намали на 28-27. Танкоски доби исклучување, на голема среќа казна добија и домаќините.
Јосип Периќ е херојот на македонскиот вицепрвак, израмни на 28-28 за голем бод од Швајцарија, постигна гол во последните секунди.
Следниот меч Е.Пелистер го игра на 16. ноември на гости кај АЕК.