Тимот на Скопје изминатиот викенд и тоа како си ги зголеми шансите оваа есен да заврши на солидно место на табелата. Победи на домашен терен против тимот на Тиквеш со 2:1, и на тој начин колку толку се оддалечи од зоната за испаѓање.
Целиот тим подигра добро, но бодовите не ќе беа тука доколку Ален Јашароски не се запиша на два пати во листата на стрелците и не ја донесе толку важната победа.
„Секако дека ми е драго што токму јас сум тој што ја донесе поваа многу важна победа за Скопје. Но, мислам дека пред се најважни се бодовите, а не тоа кој постигнал гол. Најважно е ние, да собереме доволно бодови, за да можеме што се вели да излеземе од опасната зона, а потоа да мислиме и на погоре. Сега на домашен терен ќе се обидеме да ја продолжиме победничката серија против Ренова, а потоа и против Брегалница на гости. Сакаме да извлечеме максимум пред репрезентативната пауза“ – изјави Ален Јашароски за Спортмедиа.