Елиф Елмас и Наполи ја продолжуваат серијата победи и остануваат на врвот на табелата во италијанската Серија А и по 10. коло. Вечерва на домашен терен, Наполи славеше против Болоња со 3:0, во меч во кој нашиот репрезентативец беше стартер, одигра 75 минути и асистираше за првиот гол на домашните.
Наполи одигра еден доминанетен меч во кој иако два гола постигна од пенал, сепак покажа дека годинава е еден од најголемите претенденти за Скудетото. Резултатот го отвори Фабијан Руиз со еден евро-гол во 18. минута, токму по асистенција на Елмас, за потоа да следуваат уште два гола на капитенот Инсиње, и двата од белата точка во 41. и 62. минута на мечот.
Наполи и Милан се израмнети на врвот во Серија А со по 28 бода и се уште се единствените два тима без пораз.