По заминувањето на Раде Цицмиловиќ од местото шеф на стручниот штаб на Воска Спорт, челниците на второлигашот од Охрид веднаш реагираа и му дадоа доверба на младиот стратег Даниел Стојановски, досегашниот прв асистент на Цицмиловиќ.
Па така утре против Тетекс, во меч од 9.коло во ВМФЛ- ЗАПАД, Стојановски ќе го има своето деби.
“Како прво сакам јавно да им се заблагодарам на укажаната доверба на првиот човек на клубот Нефи Усеини и директорот на Воска Спорт, Артан Борова. Мое е само да ветам дека ќе работам напорно со цел да ја оправдам довербата. Не сакам да говорам за амбициите, тие се познати. Да додадам дека ќе се обидам да продолжам таму каде што застана мојот претходник Раде Циџмиловиќ. Не е тајна дека Воска Спорт е одлично организиран клуб и задоволство е да си дел од него“ вели Стојановски за „Спортмедиа“.
Што се однесува до самиот меч со тетовските “штофари“, Стојановски потенцираше.
“Играме против Тетекс, играме дома, но нема да биде лесно, напротив. Тетекс е добар тим, клуб со традицијата и ја има нашата почит во секој случај. Оваа есен тетовци играат добро, но и ние играме добро, па така очекувам добар натпревар, квалитетен натпревар на задоволство на сите оние кои ќе дојдат да го следат мечот на стадионот на СРЦ “Билјанини Извори“ во Охрид. Наше е да го дадеме својот максимум, да одиграме најдобро што можеме и да дојдеме до резултат кој нас ќе ни одговара“заклучи Даниел Стојановски, новиот тренер на Воска Спорт кој утре на мечот со Тетекс, кој започнува од 14 часот, ќе го има своето деби како прв тренер на охридскиот второлигаш.