Битола ужива викендов, фановите на ракометот го добија најубавиот подарок и тоа од оние од кои најмалку очекуваа. Е.пелистер му го нанесе првиот пораз на Вардар оваа сезона.
Избраниците на Александар Јовиќ не само што славеа на оваа средба, туку до бодовите дојдоа доминантно.
„Направивме сензација во македонското првенство, но, мислам и дека Вардар беше ослабен без неколку стандардни првотимци како Тимур Дибиров. Нашата екипа одигра феноменално, борбено и во одбрана и во полуконтра и во напад. Заслужено победивме, водевме целиот натпревар и мислам дека ова е голема победа за овие млади играчи да ја кренат малку самодовербата и мора да веруваат во себе. Имаат огомен потенцијал како поединци и нормално како тим“, изјави Јовиќ.
Предводникот на Е.Пелистер 2 вели дека до победата е мелем за претходните две средби. Најавува дека од овој тим ќе излезат квалитетни играчи и репрезентативци.
„Имавме еден пад претходните две кола со Тиквеш на домашен терен и со Струга одигравме реми, оваа победа ни дојде како мелем на тие два порази. имавме капацитет, имаме многу млада екипа, одлични поединци кои можат да се изградат во врвни првотимци и репрезентативци на Македонија, само треба време и трпние и да не се брза“.
Тој и се заблагодари на публиката за одличната атмосфера, најави уште подобри денови.
„Што се однесува до публиката, јас сум горд и благодарен до цела битолска јавност, цела публика, до навивачката група „Чкембари“ која ни даде огромна поддршка. Битола заслужува да има врвен ракомет и мислам дека полека, но сигурно ракометот се враќа на голема врата во Битола“