Ужасниот викенд за Јувентус е олицетворен во вчерашниот пораз на гостински терен кај тимот на Верона од 2:1.
„Старата дама“ очигледно има сериозен играчки и пред се резултатски проблем пред себе, што кулминира со киксеви како оној вчерашниот. Се вперуваат прсти, се префрлува вина, а конкретно тренерот Масимилиано Алегри даде свое мислење за вчерашниот меч но и за целата ситуација.
„Не треба многу зборување во моментов. Реалноста е таа. Ние сме тим од средината на теренот во моментов. Не смееме да се жалиме, да кумаме што се вели. Ова се решава со напорна работа, подигнување на формата на највисоко можно ниво, покажување класа. Само треба напорно да работиме и да си ги решиме сопствените проблеми“ – рече Алегри па се надоврза околу вчерашниот противник.
„Знаевме дека Верона ќе сака да не наттрча, да одигра физички меч. А ако не одговорите соодветно, ако не се спротивставите како што треба ќе загубите. Кој вели дека само затоа што сте Јувентус ќе победите било кој, кој е на средината на табелата и е послаб на хартија. Мора да се бориме за секој бод. И против Сасуоло загубивме многу дуели. Направивме огромна грешка што мислевме дека сме подобар тим од Верона во моментов, а не сме“ – „згрме“ Алегри по поразот во Верона.