Еден од најголемите, ако не најголем фудбалски трансфер во последната деценија секако беше оној со кој Лионел Меси по дваесетина години минати во Барселона, летово замина во Париз и потпиша за ПСЖ.
Се напишаа „милион“ текстови, се огласија ама буквално сите кои нешто значат во фудбалот по ова прашање, а самиот Меси ретко кога се отвори на оваа тема, и даваше во примцип дипломатски одговори.
Сега откако, конечно малку од малку еуфоријата стивна и тој заигра во континуитет за неговиот нов клуб, Меси реши да проговори и да сподели со јавноста дел од деталите поврзани со неговото заминување од Ноу Камп.
„Најголемата вистина е дека јас сакав да останам и направив се што во тој момент се бараше од мене за да останам. Никој никогаш не ми пријде и не ме праша дали сакам да играм бесплатно во Барселона. Ме прашаа дали би се согласил да примам 50% помала плата, на што реков, да. Сакав да му помогнам на клубот и бев во позиција тоа да го направам. Токму затоа, се навредив од изјавите на претседателот кои немаа смисла. И тоа ме боли најмногу бидејќи не требаше тоа да го каже. Поради него луѓето почнаа да се сомневаат во мене и во моите намери, а јас тоа не го заслужувам“ – изјави Меси.