Фудбалерите на Манчестер Сити во среда го играат реванш мечот со Клуб Бриж во рамките на 4. коло на ЛШ. Белгиската екипа доаѓа во не толку расположениот Манчестер затоа што „граѓаните“ имаат два порази поп ред. Менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола истакна дека претстојниот меч со Бриж е многу поважен од градското дерби кое ќе се игра за викендот што доаѓа.
„Мислам дека овој натпревар ни е многу поважен од дуелот со Јунајтед. Имаме одлична шанса да обезбедиме нокаут фаза во ЛШ на овој натпревар. Во Премиер лигата имаме многу натпревари, во ЛШ само шест, а не останаа многу. Секогаш третиот и четвртиот меч во групната фаза се најважни. Сигурен сум дека противникот ќе бара начин да не казни и за најмала грешка. Затоа и ние мораме да бидеме добри. Овој меч ќе биде сосема поинаков од претходниот“, изјави Гвардиола.
„И покрај поразот од Палас мислам дека играме на високо ниво. Додуша последниот месец дена е најдобриот период откако сум тука. Секоја сезона е се потешка, има повеќе екипи кои го креваат нивото, кои се добро подготвени, кои имаат добри менаџери“, рече Шпанецот.
Сити досега во ЛШ има две победи, над Лајпциг и Бриж, додека загуби од ПСЖ.