Капитенот на словенечка кошаркарска репрезентација, Горан Драгиќ, има големи шанси да заврши во Далас и во продолжението од сезоната да игра со првата ѕвезда на репрезентацијата на Словенија, Лука Дончиќ.
Според дел од словенечките и американските медиуми, Драгиќ веќе четири меча не игра за Торонто иако е потполно здрав, па веќе почнал да негодува и да бара да биде трејдуван.
35-годишниот Драгиќ оваа сезона има договор од 19,4 милиони долари и токму оваа бројка е главната причина зошто Канаѓаните сè уште не го нашле вистинското место за него. Клубовите веќе имаат добро исполнет буџет и оваа сума може да им предизвика главоболки.
Сепак, се зборува дека Далас е голема желба на Драгиќ, кој сака да се спои со Дончиќ и да одигра една сезона за тексашаните. Во овој момент, сите индикации се дека тоа тешко дека може да се реализира, но Далас во неколку наврати истакна дека таков калибар на кошаркар и тоа како им е потребен.