По вчерашните натпревари од 4. коло во Лигата на шампионите, веќе ги имаме првите две екипи кои обезбедија пласман во 1/8-финалето – Баерн (Минхен) и Јувентус. Денеска оваа бројка речиси сигурно ќе се зголеми со одигрувањето на преостанатите 8 меча во четвртата рунда.
Најблиску до место во нокаут-фазата уште по денешното коло е Ливерпул, кој е убедливо на чело во групата „Б“ со 9 бода, со две од трите победи остварени на гости. Избраниците на Јирген Клоп вечерва во дербито на колото го пречекуваат шпанскиот првак Атлетико Мадрид, кого во минатата рунда успеаја да го совладаат на гости со 3:2. Доколу „црвените“ и денеска бидат успешни, ќе ја зголемат бодовната предност пред „јорганџиите“ на 7 бода и практично веќе ќе бидат осминафиналисти.
Не помалку важен во ова агрупа е и натпреварот меѓу Милан и Порто на „Сан Сиро“. По три порази досега, „росонерите“ имаат последна шанса да останат во битката за едно од првите две места, но „змејовите“ се подмолен противник кој во ЛШ секогаш знаел да направи изненадување.
Во групата „Ц“, Ајакс е со три победи од три меча и е на чекор до осминафиналето. Момците на Ерик Тен Хаг вечерва ќе ја бркаат четвртата победа на гостувањето кај Борусија (Дортмунд). Пред две недели Ајакс ги совлада „жолто-црните“ со 4:0 и сега Германците ќе се обидат да им се реваншираат, иако имаат сериозни играчки проблеми.
Во групата „А“ фаворитите се јасни – ПСЖ и Манчестер Сити. Тие се сместија на првите две места и денеска ќе се обидат да стават крај на неизвесноста за тоа кои екипи ќе продолжат во фазата на директни елиминации. Најинтересно ќе биде во групата „Д“ каде дебитантот Шериф на Бобан Николов ја изненади цела Европа со победите против Шахтјор и Реал Мадрид, па и покрај поразот од Интер се уште е на првото место. Молдавскиот тим вечерва е домаќин на Интер, кој мора да победи за да ги задржи шансите за следниот круг.