Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, денеска на прес-конференција го откри списокот на фудбалери на кои ќе смета на престојните два, последни квалификациски мечеви за СП 2022. За дуелите со Ерменија (11.11.) на гости со Исланд (14.11.) на домашен терен, во списокот на Милевски има едно дебитантско име, Валон Етеми.
„Валон е селектиран уште во У21. Игра во одлична форма и од него зависи дали и колку ќе се наметне. Опција е за нас, а на него е да се наметне. Николов има повреда на грбот. Адеми веќе се знае зошто не е тука. Илиев направи операција и се чувствува добро. Никола Ѓорѓев не е тука поради слаба минутажа во клубот“, вели Милевски.
Иако Етеми доаѓа од Втората лига на Турција, Милевски нема илузии дека квалитетот на фудбалерот и на лигата се доволни за репрезентативен повик.
„Не гледајте на турскиот шампионат како само на втора лига. Јас следам многу добро и гледам каков е квалитетот таму. Да, во таа лига има играчи кои и тоа како можат да конкурираат за највисоко ниво“.
За првиот дуел со Ерменците на гостински терен, каде секогаш било „жешко“, Милевски вели:
„Можеме да очекуваме меч во кој сите ќе бидеме максимално сконцентрирани и мотивирани и да дадеме се од себе. Последниот меч таму е загубен, но ова е сосема нова ситуација“.
Со оглед на тоа што ова се последни настапи на нашата репрезентација во овој квалификациски циклус, селекторот вели:
„Не се откажуваме од ништо, се додека има и теоретски шанси. Ние одиме на победа на секој меч и така ќе биде се додека сум јас селектор“.
***МИЛЕВСКИ СЕ РЕШИ ЗА ЕТЕМИ НА МЕСТОТО НА АДЕМИ