Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров вечерва во хотелот „Александар Палас“ го промовираше своето автобиографско дело пред бројни ракометни имиња, дел од нив споделија најразлични искуства.
Македонската гол машина на хартија ја пренесе својата животна приказна, патот по кој храбро чекореше за да постане страв и трепет во светот на ракометот, да биде почитуван од големи имиња, да стане најдобар стрелец во историјата на Лигата на шампионите, да освои голем број на пехари и признанија.
Автобиографијата на Лазаров ги содржи сите моменти, од родното Свети Николе до Нант, последниот клуб во неговата кариера. Низ бројни анегдоти, на единствен начин како што знае тој, им спакува водич на идните генерации. А следствено на неговиот карактер е името на ова дело – СЕКОГАШ НА ПОБЕДА.
И токму така Лазаров е роден победник, токму оваа негова одлика му донесе богата кариера, токму оваа негова одлика на Македонија и донесе убави ракометни денови.
Автобиографијата „Секогаш на победа“ содржи и автентични искуства на легендарните тренери Лино Червар и Талент Душебаев, новинари и соиграчи на Кирил Лазаров.