Македонската ракометна репрезентација утре вечер заминува за Каиро каде ќе одигра две пријателски средби против Египет во рамките на ЕХФ-неделата. Предводникот на нашиот најдобар национален тим, Кирил Лазаров, противниците не ги бира случјано. Според него за добра подготовка на едно големо натпреварување потребни се силни контроли.
Македонија не го памети Египет според убави работи, на Мундијалот на кој влеговме во последен момент, ракометарите се покажаа во најлошото светло, па сега сите сакаат да го поправат впечатокот.
„Египет е квалитетна репрезентација, која има одличен тренер, Парондо. Тој е во Бундес-лигата и ништо не остава на случајност. За нас ова ќе биде одлична шанса, прво да го поправиме впечатокот од Светското првенство, едно екстремно лошо издание на македонската ракометна репрезентација. Но, истовремено да го искористиме на најдобар можен начин и да одиграме еден квалитетен меч, кој ќе биде вистински тест за нас, бидејќи ќе играме со една од најдобрите пет репрезентации во светот“, ни изјави Пешевски.
Репрезентативниот пикер очекува Македонија да расте, очекува многу подобри времиња. Верува во квалитетите, но и во она што го работат.
„Секој тренинг е се подобро и подобро. Секој собир е драгоцен, особено за помладите, секој собир има по некое нови име. Репрезентацијата оди во нагорна линија. Со малку среќа, со работа како во квалификациите и на овие собири, одлична подготовка и видео-анализи, но и со мирна глава, оваа репрезентација ќе покаже квалитет на Европското првенство. Ние тоа веќе го докажавме против Данска и на двапати против Швајцарија, се надевам само на добри времиња во иднина“.
Кога станува збор за идните времиња, за периодот во кој дел од искусните имиња ќе се повлечат, Пешевски е дециден – Македонија има иднина.
„Можеме мирно да спиеме, Македонија има иднина, секое ново име кое доаѓа од Е.Пелистер 2, Алкалоид, Бутел…има перспектива и талент. Најважно е дека имаме стручен тим кој максимално е посветен“.
Мечевите против Египет се закажани за петок и сабота.