Време е за дерби: МЗТ Скопје ја брка 66. победа, Работнички 92-та победа

170

Првото овосезонско дерби меѓу МЗТ Скопје и Работнички ќе се одигра денеска (18:30 часот) во СЦ „Јане Сандански“, истото е во рамките на 6. коло во Првата лига.

Вечните ривали во оваа пресметка влегуваат со скор од четири победи и само еден пораз, но и бројни мотиви. Актуелниот шампион пред стартот на сезоната го зема Супер-купот, токму на сметка на момците од „Градски парк“, но и натаму заостанува во бројот на победите во меѓусебнте дуели.

МЗТ Скопје има 65. триумфи, додека пак Работнички 91, или вкупно имаат одиграно 156 натпревари.

Гостинскиот состав ќе бара одмазда и за Супер-купот и за Купот на Македонија, ќе се обиде да ја прекине доминацијата на својот голем ривал. Избраниците на Тони Симиќ се уверија дека можат и подобро, против ТФТ одиграа одличен меч.

„Без разлика на фактот што МЗТ Скопје влегува како фаворит во вечерашниот натпревар, ние одиме максимално мотивирани. Ако го испочитуваме договореното и одиграме како на последниот натпревар, имаме шанса за позитивен резултат. Дербито го очекуваме по исклучително тешкиот меч против ТФТ, но имавме неколку денови да се подготвиме за она што следува“, изјави Симиќ.

На другата страна Дарко Радуловиќ очекува неговите момци да покажат шампионски карактер, а за тежината на ова дерби не треба многу да се додава.

„Се знае што следува вечерва, дерби најголемо во Македонија. Тоа значи дека фаворитска улога постои само на хартија… Овие натпревари ги добива поголема желба, мотивација, фокус… Работнички покажува дека е многу сериозна екипа, како што најави на Суперкупот. Водени од неколку главни и неколку играчи од улога. Играат доста борбено, мобилни се и секогаш се на максимум. Останува ние да бидеме на максимум. Да покажеме шампионски дух и карактер, мотивација и одлучност за да се добие вечното дерби“– вели тренерот на „металците“, Дарко Радуловиќ.

Влезот во салата „Јане Сандански“ е слободен, секако треба да се запазат протоколите во време на пандемијата коронавирус.

ПретходноЛШ: Кој ќе им се приклучи на Јуве и Баерн во осминафиналето?
СледноМладите „футсалци“ поразени од Црна Гора, денеска на „поправен“ против Гибралтар