Во Македонија се случува политичка криза, локални избори, нова власт во повеќето Општини, а со тоа и нови ветришта во сите тамошни сфери, па и во спортските субјекти кои се по управување и финансирање од општините.
Новите градоначалници имаат свои програми, свои тимови, па оттука и свои лица кои ќе раководат, менаџираат и работат во спортрските клубови. И затоа не треба да биде ништо ново ако се менуваат директори и претседатели во прва етапа, а потоа и останатите личности во екипите, кои како дојдоа така и ќе си заминат. Затоа и не треба да биде ништо чудно, ништо ново ако во неделите кои следат видиме чистки, „метли“, во субјектите кои се под палката на Општините.
Сепак, промените можеодма да се случат но и тоа не би било фер. Низ месеците наназад сведоци сме на многу обвинувања, скандали, спорни трансфери и лоши менаџирања.
Не е само да ги смениш. Ревизија! Да се испита секој народен денар кај е потрошен па после смени ако се е чисто или истраги за се она што е спорно. Да нема утре или по некој месец и година алиби дека можните идни „лавиринти“ биле последица на претходно менаџирање.
Што по локалните избори во Македонија и спортот!?
Веќе има оставки во КК Пелистер, ќе има и треба да има и во МЗТ Скопје Аеродром каде исто така е потребна една голема „метла“ и истрага! Работнички може да плива затоа што имаат нов градоначалник, но од иста партија.
Во фудбалот повеќето субјекти се во приватна сопственост, но чудно е тоа што на неколку дена пред првиот круг па и вториот беа на мала врата продадени акциите на ФК Вардар но и ФК Пелистер. Вардар за кој Петре Шилегов не сакаше да мрдне со малиот прст и го остави да пропаѓа. И Вардар со Данела Арсовска која има свој тим, кој би можел да најде добитна формула за спасување на градската гордост, а тоа е ФК Вардар.
Интересно е во Штип каде Гогов е прв човек, но и каде Општината дава добра сума на пари. Што сега!? Гогов може да менаџира добро, но таму има и партиски кадри и советници од некое друго време и друга општинска власт.
ФК Пелистер!? Токму таму во Битола се случи и најголемата брука!!! Брука во вистинска смисла на зборот. Фудбалскиот клуб беше ставен во изборната машинерија. Директорот на листа за советници! И замислете!? Истиот тој повика да се гласа за неговата партија и кандидат демек тоа било за спас на Пелистер.
Пелистер кој е на битолчани со децении и децении сега некои сакаа да го присвојат да го злоупотребат. Сега нема „ЌЕ“ и „АКО“. Таму загуби Кондовски, но победи Коњановски. И што сега!? Фирмата која беше основана од пред некој ден најави силен Пелистер. Ај да видиме!? Со кои пари!? По сето она што се случи градот не треба да дава пари во клубот кој беше продаден на приватни лица. Тие сега нека спонзорираат. Нели имале проекти, визии за голем клуб. Зборат за големини а се заковани на дното од првенствената табела. Бруки!
ФК Шкупи има турски спонзор но има и ист градоначалник. Таму отворен е патот кон титулата на „Чаир“ по две децении, Шкендија и Ренова не зависат од општински средства исто како и Струга Т.Љ.
Од оние кои добиваат општински пари тука се Борец, Македонија Ѓ.П, Академија Пандев, Тиквеш,. Работнички речиси и да не добива ништо.
Кај второлигашите сега огреа сонце во Победа Прилеп која треба да се врати на старите патеки но истото важи и за ФК Охрид.
Секоја промена треба да донесе нови ветришта и подобро утре па така да се надеваме дека и спортот ќе види светлина на крајот од тунелот онаму каде има нови градоначалници.
Ќе биде интресно во јануари кога ќе се делат ваучерите од Агенцијата за Млади и Спорт (АСМ). Да се види колку од таму давале кај клубови кои биле под нивна контрола и колку сега (нормално ако и таму нема измени).
Покрај клубовите има и федерации кои зависат од политиката. Но, помалку од локалната отколку од централната власт.
Ќе биде весело…