Брдаровски: Не “летаме“, има уште многу за да стигнеме до целта!

379

Шкупи во пресрет на 13.коло, кое се игра в сабота, убедливо е прв на табелата во ПМФЛ. Има седум бодови предност пред Ренова и А. Пандев, а дури 11 пред шампионот Шкендија. Сепак во таборот на чаирчани велат дека уште ништо не е готово.

Свој коментар, за „Спортмедиа“ има и Владица Брдаровски, десниот офанзивен бек на лидерот.

Нашата цел е јасна, но ние не `летаме`. Знаеме каде сме, знаеме добро што и колку можеме. Сепак, досега се одиграа само 12 кола, па така без разлика на се, има уште многу, многу да се игра. Покажавме врвна форма, сите во клубот го даваат максимумот, имаме одлична атмосфера, и кога е така, тогаш нормално е да играме квалитетно. Наше е само да продолжиме како што беше досега. Шкупи оди од меч во меч, сега мислите ни се насочени само кон дуелот во Ѓорче, ништо друго не не интересира“ напоменува Брдаровски.

А во сабота во Ѓорче, Шкупи му гостува на градскиот ривал, тимот на Македонија ЃП.

Без сомневање тешко гостување за нас. Со новиот тренер екипата на Македонија ЃП сега е во налет, игра добро и секако дека нема да биде нималку лесно, напротив. Од друга страна Шкупи и на овој меч, како на сите останати, ќе се обиде да го даде својот максимум и ќе се обиде да дојде до бодовите“ вели Брдаровски кој во последно време игра во врвна форма во дресот на чаирскиот тим.

ПретходноТФТ прегазен за втор пораз во БИБЛ лига
СледноМладите „триколори“ со Камавинга на Арената “Тодор Проески“!