Македонските ракометари поразени од Египет на првиот „тест“ во Каиро

635

Македонската ракометна репрезентација е поразена на првиот пријателски меч против Египет во рамките на ЕХФ неделата. Нашите момци беа совладани со 32-25 (12-10) од составот на Роберто гарсија Парондо во Каиро, откако паднаа во вториот дел.

Селекторот Кирил Лазаров на оваа средба не сметаше на Стојанче Стоилов, кој остана во Скопје, како и на Дејан Манасков, кој поради тешка повреда нема да биде ниту за ЕП 2022 година. Очекувано, Лазаров на првата средба ја извршуваше само улогата на предводник.

Македонија добро влезе во оваа средба поведе со 4-6, но потоа падна во поентерска криза. Египет го искористи овој момент на слабост, па дојде на плус два 8-6, со серија од четири гола во низа. Нашите ракометари речиси осум минути немаа постигнато гол. Лазаров повика тајм-аут, по што конечно реализиравме за 8-7.

До одморот, домашната репрезентација одржуваше позитива од два гола, 12-10 беше на полувремето.

Фативме малку ритам на стартот на второто полувреме, но серија на грешки скапо ги чинеше избраниците на Лазаров. Нов налет на Египет ја донесе негатива од 23-18 на средината на второто полувреме. Талески на момент го прекина налетот на противникот.

Падот сепак се одрази на крајниот резултат, Египет го имаше расположениот Хендави, неговата репрезентација во последните девет минути влезе со водство од 28-19. До крајот не успеавме да се вратиме.

Митревски средбата ја заврши со 11 одбрани, Томовски влезе во последните 13. минути, запиша две интервенции. Талески со шест гола беше прв стрелец.

Македонија ќе има шанса за поправен веќе утре, вториот меч се игра во 19 часот. Лазаров има причина и за задоволство, но секако и за незадоволство. Цветан Кузманоски се покажа како добар реализатор на удари од седум метри, додека Филип Талески се покажа во едно поинакво светло, за жал недоволно за победа или бод.

ПретходноГеоргиевски го истетовира олимпискиот медал (ФОТО)
СледноЧави ќе ги „откачи“ Дембеле и Де Јонг, а со еден потег покажа колку ја сака Барса!