Ракометарите со јасна цел во Египет: Да се поправи впечатокот од СП, да се фати „правец“ за Дебрецин

315

Македонската ракометна репрезентација денеска и утре ќе одигра пријателски натпревари против Египет во рамките на ЕХФ неделата. Двете контроли во Каиро ќе бидат вовед на подготовките за Европското првенство 2022 година.

Предводникот на нашиот најдобар национален тим, Кирил Лазаров за овие средби одбра 19 ракометари, меѓу нив нема да биде Стојанче Стоилов, кој поради ситна повреда на барање на Вардар 1961 остана во Скопје.

Лазаров има тројца дебитанти во составот, па заедно со останатите помлади и поискусни имиња, дуелите со Египет ќе ги искористи за спроведување на дел од тактичките замисли за претстојното континентално натпреварување. По овие мечеви, тој ќе има јасна слика, па до заминувањето во Дебрецин, градот домаќин на групата на Македонија, заедно со своите соработници ќе знае што точно треба да се поправи.

Египет не буди убави сеќавања на ракометен план, „црвено-жолтите“ на Мундијалот се покажаа во едно бледо издание, па желбата кај сите е да се подобри впечатокот против тимот на Роберто Гарсија Парондо. Неговата селекција во изминатите години се искачи во височините, стана квалитетна репрезентација, нешто што на Македонија и оди во прилог за вистинска подготовка пред почетокот на предизвикот во јануари.

„Египет е квалитетна репрезентација, која има одличен тренер, Парондо. Тој е во Бундес-лигата и ништо не остава на случајност. За нас ова ќе биде одлична шанса, прво да го поправиме впечатокот од Светското првенство, едно екстремно лошо издание на македонската ракометна репрезентација. Но, истовремено да го искористиме на најдобар можен начин и да одиграме еден квалитетен меч, кој ќе биде вистински тест за нас, бидејќи ќе играме со една од најдобрите пет репрезентации во светот“, ни изјави Жарко Пешевски.

Младите ќе добијат шанса на двете средби, иако бележат голем напредок, сепак ќе треба токму во Каиро да го убедат селекторот дека можат да се носат со сериозни предизвици како што едно големо натпреварување.

„Овие ЕХФ недели служат да видиме до каде се, треба да ме убедат. Мечеви како Словенија, Црна Гора и Данска, може да се случи психолошки пад ќе те чинат победа. Затоа уфрлуваме новитети, затоа имаме резерви да бидат подготвени за моменталните потреби“, кажа Лазаров.

Дуелот меѓу Египет и Македонија е закажан со почеток во 18 часот.

СОСТАВ МАКЕДОНИЈА

ГОЛМАНИ: Никола Митревски, Мартин Томовски

ЛЕВИ КРИЛА: Бојан Маџовски, Цветан Кузманоски

ДЕСНИ КРИЛА: Гоце Георгиевски, Ненад Костески

ЛЕВИ БЕКОВИ: Филип Талески, Филип Кузмановски, Павле Атанасијевиќ, Михајло Младеновиќ

СРЕДНИ БЕКОВИ: Филип Миркуловски, Марко Мишевски, Игор Ѓоргиев, Марко Митев

ДЕСНИ БЕКОВИ: Мартин Велковски, Мартин Серафимов

ПИКЕРИ: Жарко Пешевски, Никола Маркоски, Кристијан Симоноски

Македонија на ЕП 2022 година се најде во група со Словенија, првиот противник, Црна Горан и Данска.

ПретходноРеал го понуди Азар на англиски великан, но веднаш беше одбиен
СледноМурињо никогаш не греши, прстот го насочи кон еден човек