Македонската ракометна репрезентација забележа два порази во рамките на ЕХФ неделата, која е вовед на подготовките за пласман на Европското првенство 2022. Полуфиналистот од последните Олимписки Игри, Египет двапати беше подобар од „црвено-жолтите“.
Селекторот Кирил Лазаров на оваа средба го немаше на располагање Стојанче Стоилов, кој остана во Скопје поради ситна повреда. Шанса добија младите ракометарите, како што најави Лазаров сите треба да се изборат за место меѓу патниците за ЕП 2022 година.
Предводникот на нашиот национален тим е задоволен од она што го одработија во изминатите денови, потенцира дека од дел е задоволен, дел потфрлиле.
„Комплетно сум задоволен од тоа како ја изработивме ЕХФ неделата. Резултатски не сум задоволен, нормално кога играш секогаш сакаш да победиш, но од друга страна игравме против полуфиналистот од последните ОИ во Токио.
Има играчите од кои сум задоволен, има и кои потфрлија. Треба да избалансираме, да дојдеме до група од 16 играчи кои ќе можат во секој момент да влезат и да дадат допринос. Силните натпревари те прават и самиот подобар како играч индивидуално, но и како колектив. “, изјави за СПОРТМЕДИА, Кирил Лазаров.
Македонија направи голем чекор кон промена на генерациите, предводникот на нашиот најдобар национален тим вели дека сме на добар пат.
„Полека почнавме да правиме смена на генерации и сме на добар пат. Со мене се согласуваат и моите помошници. Не очекува тешко Европско првенство и екстра квалитетни противници. Ќе ни биде потребна и спортска среќа која треба да ја заслужиме со вредна работа и посветеност“.
Македонија на ЕП 2022 ќе игра против Словенија, Црна Гора и Данска.