Без победник во “Дербито дела Мадонина“.Милан и Интер одиграа интересен и квалитетен натпревар, кој заврши со резултат 1:1. И двете екипи можат да жалат за победата.Интер поради промашениот пенал на Лаутаро, а Милан поради стативата што ја имаше во 90.минута.
Па така по ова 12.коло, Милан и натаму е без пораз, има 32 бода и е на делба на првото место со Наполи, додека Интер сега има 25 бодови и е трет.
Дербито започна супер – интересно. Веќе во 11.минута Интер дојде во водство со голот на Чалханоглу и тоа од пенал. Претходно Кеси направи глупост и судијата Довери покажа на белата точка. Се разбира дека Чалханоглу при прославата не пропушти да ги испровоцира фановите на Милан, на клубот каде што пред неколку месеци беше член. Тие 0:1 траеја само шест минути, откако по центаршутот на Тонали, Де Фрај сам си ја затресе мрежата.
Во 25.минута нов пенал за Интер, сега Бало Туре го фаулираше Дармијан, а Довери одново покажа на белата точка за Интер. ВАР ја потврди одлуката. Сепак, сега Интер не постигнува гол, Лаутаро Мартинез шутираше а Татарушану, голманот на Милан успеа да го одбрани тој удар. Битката се распламса, но на пауза се замина со тие 1:1.
Во вториот дел “неро-аѕурите“ како да ја посакуваа победата повеќе, имаа игра и шанси, посебно оние на Џеко, Чалханоглу, Видал. Имаше и Милан преку Ибрахимовиќ. Сепак во овој дел од мечот не беше така интересно како во првиот дел.
Треба да се каже дека Џеко и Барела кај Интер, мораа предвреме го напуштат теренот поради повреда.
Во последните минути Милан нападна,имаше и шанси. Салемакерс ја погоди стативата на Хандановиќ, а Кеси утна празен гол. Ова се случуваше во 90.минута.