Баерн Минхен вчера, со победа од 2:1 против Фрајбург на свој терен, уште повеќе се зацврсти на чело на табелата во Бундеслигата. И тоа не е ништо ново, ако се знае квалитетот на “баварците“. Сепак на овој натпревар на „Алианц арената“, впечатлив беше еден транспарент на фановите на клубот, со кој тие посакаа да му пратат порака на раководството на клубот за тоа што тие мислат за милионскиот договор со „Катар Ервејс“. Тие бараат да се прекине секаква соработка со Катарците, а причината, според нив, била дека во таа земја се кршат човековите права и дека со мито успеале да го добијат Мундијалот 2022. На транспарентот се најдоа директорот на Баерн Минхен, Оливер Кан и претседателот Херберт Хајнер, како стојат покрај машина за перење алишта.
Во пораката стои- “ЗА ПАРИ ПЕРИМЕ СЕ“.
На транспарентот Хајнер држи работничка облека, а Кан пак во една рака шеиковата облека, а во другата торба со многу пари. Околу машината има локва со крв.
Вистински начин да се каже „НЕ“ на милионскиот договор што го има Баерн Минхен со Катарците.