Големите градски ривали Милан и Интер вечерва по 229. пат ќе се соочат во миланското „Дерби дела Мадонина“. Натпреварот на „Сан Сиро“ ќе биде од големо значење не само за честа на двете екипи, туку и за борбата за титулата во Италија.
Иако минаа само 11 кола, шампионот Интер веќе заостанува седум бода зад лидерите Милан и Наполи. Победа за „росонерите“ ќе значи десет бода предност пред градскиот ривал, со што „црвено-црните“ ќе покажат дека оваа сезона ќе бидат вистински конкурент за Скудетото, откако минатата сезона не успеаја да го нападнат првото место.
Од друга страна, на Интер на Симоне Инзаги очајно му е потребен успех за да дојде до врвот и да не ги загуби шансите да го одбрани шампионскиот трофеј уште во рана фаза на првенството. Инзаги нема кадровски проблеми, бидејќи Иван Перишиќ може да се врати во стартниот состав, а партнери во нападот ќе бидат Лаутаро Мартинез и Един Џеко.
За Милан се очекува Златан Ибрахимовиќ да го замени Оливие Жиру во стартниот состав, а најверојатно Фоде Бало Туре ќе го заземе местото на казнетиот Тео Ернандез.
Милан: Татарушану, Калабрија, Кјаер, Томори, Бало-Туре, Тонали, Кеси, Салемакерс, Диаз, Леао, Ибрахимовиќ
Интер: Хандановиќ, Шкриниар, Де Врај, Бастони, Дармиан, Барела, Брозовиќ, Чалханоглу, Перишиќ, Џеко, Мартинез