Македонската репрезентација до 21. година предмалку во хотелот Александар Палас го одржа собирот за претстојните квалификациски дуели со Украина на 11 односно Франција на 16 ноември во Скопје.
Селекторот Драган Канатларовски ги пречека своите избраници заедно со стручниот штаб пред веројатно пресудните два дуела за оваа кампања. Или Македонија ќе одигра улога до крајот на овие квалификации, или пак уште од сега ќе создаваме генерација за следниот квалификациски циклус.
Од она што во моментов е актуелно за нашиот тим, е информацијата дека нема засега ново откажување освен веќе познатото на Славе Марковски, а за него дополнително денеска ќе биде позната замената. Филип Антовски, Енис Фазлагиќ и Адриан Хајдари ќе се приклучат доцна денеска затоа што имаат мечеви во клубовите, како и Амел Рустемоски кој ќе пристигне директно на тренинг во текот на денот.
Првиот работен тренинг репрезентацијата ќе го одработи денеска од 15:00 часот.