Манчестер Јунајтед поминува низ најголема криза оваа сезона. Поразот од Сити во дербито на колото во Премиер-лигата одново го актуелизира прашањето за местото на Оле Гунар Солскјер на клупата на „црвените ѓаволи“.
Според англиските медиуми, раководството на клубот има повеќе поводи за загриженост. Фудбалерите дигнале бунт против него, некои играчи не се задоволни, а еден од нив е Бруно Фернандеш, кој минатата година беше главен играч на Јунајтед.
Тој смета дека Солскјер тактички не е дораснат за Јунајтед, против него е и Кристијано Роналдо. Тој не е задоволен што секој меч со своите голови треба да го спасува. Списокот не незадоволни играчи не завршува со двајцата Португалци.
Многу фудбалери на Јунајтед се лути поради начинот на кој Солскјер се однесува кон холандскиот играч за врска ван де Бик. Поранешниот играч на Ајакс не добива шанса во Јунајтед.
На многумина, наводно, не им се допаѓа ни начинот на кој Солскјаер се однесува кон капетанот Хари Мегваер. Англискиот стопер не игра најдобро во последните неколку натпревари, но неговата позиција во тимот никогаш не била доведена во прашање.
Дејли Мејл тврди дека некои играчи се лути поради ова и дека веруваат дека секој играч, без разлика каде бил во тимската хиерархија, мора да одговара за лошите игри.