МЗТ по казната што ја доби од КФСМ, испрати жалба до Арбитражната комисија!

148

Управата на МЗТ Скопје Аеродром официјално испрати жалба до Арбитражната комисија (АК) за казната што клубот и директорот Тони Грнчаров ја добија од Дисциплинската комисија (ДК) по пријава на првиот човек на КФМ, Перо Антиќ, а која одекна силно во јавноста.

Клубот е санкциониран со 300.000 денари, а Грнчаров со суспензија од две години за изјава на ФБ. МЗТ жалбата ја заснова на повеќе поенти и со неа клубот од Аеродром сака да ја оспори. Тие сметаат оваа жалба сериозно ќе биде сфатена од членовите на второстепениот орган за решавање во Куќата на кошарката.

Во жалбата МЗТ образложува…

На МЗТ и на Грнчаров им е скратено правото да се запознаат со содржината на Пријавата поднесена од страна на Антиќ и скратено им е правото да осознае кој прекршок од Дисциплинскиот правилник на КФМ им се става на товар, како и правото по прием на пријавата и увид во нејзината содржина да дадат своја соодветна одбрана. Со ваквата постапка, од страна на ДК е сторена флагрантна повреда на постапката согласно Дисциплинскиот правилник, а во врска со одредбите од Законот за кривична постапка и Европската конвенција за човекови права!“

Како што сметаат од МЗТ, според одлуката на ДК, една од причините, зошто Антиќ се почувствувал навреден е и објавена фотографија на која тој бил заматен. Згора тоа, тој се нашол и навреден зашто бил искористен зборот „Небитен“, прекар кој самиот си го наметна низ годините за што приложуваме голем број докази.

Небитни моменти за фановите на Грнчаров, односно за навивачите на МЗТ од ‘спорната’ фотографија би биле – Антиќ како бивш играч на Работнички, еден од судиите од натпреварот, навивачите од Работнички и домашната сала на Работнички, поради што и тие исто така се заматени, работи кои воопшто не се спомнуваат во одлуката. Со самиот факт дека Антиќ се потпишуваше на секоја изјава како ‘Небитниот’, јавноста го дозна како ‘Небитниот’ и тоа беше поставено како еден сатиричен начин на комуникација од негова страна. До денеска, Антиќ во ниту еден момент јавно не се откажал од овој прекар или, пак, го демантирал, на начин да покаже во јавноста дека со тој прекар трпел штета на неговиот углед, чест и достоинство, односно дека бил навреден. Згора на тоа, во перидот по Суперкупот, ниту еден медиум не му се обратил на Антиќ како ‘Небитниот’ или ‘Заматениот’ во негативна конотација што значи дека никој нашата објава не ја сфатил на таков начин, бидејќи ниту намерата не ни била таква, но и се докажува дека тој не претрпел никаква штета“, се дополнува во жалбата.

Понатаму во жалбата на МЗТ стои…

Антиќ ниту е цитиран директно и недвосмислено со име и презиме, ниту како овластено лице на федерацијата, ниту индиректно се алудирало на него, ниту е демонстрирана намера за било кое лице да биде омаловажено, ниту има омаловажувачки речник во текстот или фотографијата, а не е ниту повредена неговата чест и углед. Сметаме дека постои недостиг на активна легитимација за Антиќ да би бил наводно оштетен со навредлива содржина на текст или фотографија и како индивидуа-спортско јавно лице или како највисок спортски функционер во кошарката. Воедно, тој како јавна личност МОРА да има поголем степен на толеранција на тоа што се објавува и поврзува со него, односно би требало да нема суета бидејќи индиректно работи за сите нас. За ова поднесуваме и пракса од Европскиот суд за човекови права“, се вели во жалбата на клубот од Аеродром.

Од таборот на актуелниот македонски шампион бараат од Арбитражната комисија да биде храбра и да донесе вистинска одлука.

ПретходноЧави во јануари го враќа Дани Олмо во Барселона
СледноГотово е: Чави и официјално промовиран за нов тренер на Барселона!