Младиот халф на Арсенал Емил Смит Роу за прв пат е во репрезентацијата на Англија. Селекторот Герет Саутгејт го покани фудбалерот на „топчиите“ откако четири фудбалери не можат да одговорат за претстојните квалификациски средби од најразлични причини. Англија ќе игра со Албанија и Сан Марино.
Маркус Рашфорд се уште не ја достигнал оптималната форма по операцијата која ја имаше летоска и ќе остане во Манчестер за да тренира индивидуално. Неговиот соиграч од Јунајтед Лук Шо е повреден по мечот со Сити во саботата. Џејмс Ворд-Проус е болен, додека Мејсон Маунт имал операција на забите.
На денешниот прв тренинг се појавија 22 играчи меѓу кои и младиот халф на Арсенал.
Ова момче родено во Кројдон е дете на Арсенал, а во 2019 година беше во РБ Лајпциг на позајмица, а во 2020 година играше како позајмен во Хадерсфилд.
Инаку има играно за сите младински селекции на Англија. Минатата сезона одигра 33 меча за Арсенал од кои 20 во Премиер лигата, а оваа сезона има 13 од кои 11 во Премиер лигата и 4 гола.