Македонија среде Ереван со 0:5 успеа да ја победи Ерменија. Феноменално издание на нашите момци, убедлива победа која ги разгали срцата на сите фанови на нашата фудбалска репрезентација.
По мечот стручно видување специјално за Спортмедиа, даде Срѓан Захариевски, сегашниот стратег на Струга Трим Лум, некогашен член на нашата репрезентација.
“Како прво перфектна Македонија. Од 1. до 90. минута ние знаевме што сакаме. Доминиравме во текот на целиот меч, покажавме голема желба, голем квалитет, покажавме дека сме подбри, барем вечерва 2-3 класи во однос на Ерменија.Средниот ред беше фантастичен, одбраната одигра без грешка, нападот одличен. Видете, кога ќе се победи со 0:5 среде Ереван, тогаш не треба премногу да се коментира“ вели Захариевски.
Тој е задоволен што вечерва во Ереван целиот меч беше на ниво, без падови во играта.
“На минатите мечеви имавме падови во играта, но вечерва не. Сите 90 минути ги одигравме феноменално, перфектно. Уште еднаш се покажа дека средниот ред е нашиот најголем квалитет. И затоа Барди треба да се пофали. Одлично издание, веројатно најдобриот негов настап во дресот на Македонија. Тука веројатно помогна и капитенската лента, со која доаѓа и одговорноста. Честитки за сите во нашата репрезентација за оваа победа, само така да играат и во иднина“ заврши Захаревски со својот стручен коментар.