По ден одмор, македонските претставници во АБА 2-лига, пелистер и МЗТ Скопје денеска ќе го одиграат последниот, втор меч во „балонот“ во Осијек.
Први на теренот (15 часот) ќе истрчаат кошаркарите на Пелистер. Битолчани зад себе го имаат убедливиот пораз од МЗТ Скопје. Својата шанса за чекор напред на табелата, ќе бараат против тимот на Војводина. Станува збор за противник кој има ист скор како и Пелистер, два порази и една победа.
На избраниците на Марјан Илиевски им е јасно дека морат да го заборават дуелот со актуелниот македонски првак и секако да ја поправат реализацијата, доколку сакаат да дојдат до победа на оваа пресметка.
МЗТ СКОПЈЕ ИМА ШАНСА ЗА ВИСОК СКОК
Ситуацијата со МЗТ Скопје е поинаква. По триумфот над Пелистер, Дарко Радуловиќ и неговите кошаркари можат да направат голем скок на табелата. Победа против домаќинот на „балонот“, Осијек ќе ги издигне на второто место, веднаш зад лидерот Борац Бања Лука, кон нема пораз.
МЗТ Скопје е фаворит на оваа средба, противникот нема ниту една победа, се наоѓа на последното место и засега е најслабиот тим во второлигашката конкуренција во АБА лига.