Македонска фудбалска РАПСОДИЈА!

592

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Супер Македонија. Доминантна Македонија. Џиновска Македонија. Перфектна Македонија…беа дел од коментарите по вчерашниот блескав настап на нашата најдобра фудбалска репрезентација среде Ереван. Да се победат Ерменците со “петка“ на нивниот “Вазген Саргсјан“ стадион се разбира дека не е мала работа, посебно за нас кои обично си имавме големи проблеми со оваа селекција во минатото, каде губевме и со 4:0.

Но, тоа вчера беше фудбалска РАПСОДИЈА во изведба на четата на Благоја Милевски. И не само Енис Барди, кој беше фантастичен, туку сите одиграа како само што посакуваме.

И кога имаш одлично подготвена тактика, кога и покрај проблемите со повредите, знаеш како да ја „затвориш“ Ерменија, а имаш доволно интелегентни играчи тоа да го спроведат во дело, е тогаш…останува полесниот дел од работата.

Она вчера што Македонија го покажа во тие 90 минути во Ереван е едно од најдобрите изданиа во нашата репрезентативна историја. И никој, ајде да бидеме реалнии, ама баш никој не се надеваше на такво нешто. Сите сметавме дека ако биде 0:1 за нас тоа ќе биде фантазија, го споменувавме баражот ама не верувавме во него. Морам да признам дека и потписникот на овој коментар сметаше дека “возот замина“.

Сепак сите ние заборавивме дека оваа “костурот“ на оваа генерација во 2017 играше на ЕП за селекции до 21.година, дека оваа генерација на играчи играше на ЕП ова лето. Значи знае што треба да стори кога е најпотребно, дека го има тоа потребно искуство да одигра најдобро што може во пресуден момент.

Секоја чест момци и селекторе Милевски.

Пресреќен сум и по тие букурешки 0:0 меѓу Романија и Исланд. Искрено да сме во оваа позиција “виновни“ се и „рибарите“, но несреќен ме прави тоа што тие што секогаш наоѓаат “гачки“ повеќе се радуваат на ремито на Исланд отколку на оние наши блескви моменти од Ереван.

За крај, со напорна работа, со проширување на списокот на играчи, со враќањето и целосно закрепнување на Адеми, Македонија ќе има силен, силен тим за да може да се надева на пласман на СП во Катар.

Него ајде прво во недела да го „преслушаме“ Исланд па потоа да правиме сметки со кого и како во баражот.

Некогаш последното скалило е најтешко да го искачиш…

Памет во глава момци…во недела мора да се победи…МОРА.

ПретходноПресврт: Цицмиловиќ се врати на клупата на Воска Спорт!
СледноКаков срам за Солскјер: Последниот тренинг на Сити пред дербито со Јунајтед траел само 10 минути!