Светскиот шампион и пилот на Мерцедес, Луис Хамилтон е во опасност да ја загуби пол-позицијата на спринтот за Големата награда на Бразил во Формула 1. Техничките проверки по квалификациите синоќа, покажаа дека системот ДРС не работи правилно на неговиот болид. Ова е прекршување на член 3.6.3 од техничкиот пропис за Формула 1 од 2021 година.
Одлуката дали да се казни Хамилтон и каква ќе биде казната треба да ја донесат стјуардите на трката за Големата награда на Бразил. Меѓутоа, доколку признаат дека болидот ги прекршил техничките прописи на Формула 1, тогаш Луис неминовно ќе добие дисквалификација и ќе биде принуден да го започне саботниот спринт од последната позиција.
Стјуардите утрово навестија дека ќе ја одложат одлуката за евентуалната казна на британскиот пилот до сабота наутро, по бразилско време.