Алушовски ја пренесува атмосферата од Островот: На Исланд нема еуфорија за Македонија

594

✍️ Марија Ковачева

Македонската фудбалска репрезентација денеска (18 часот) против Исланд сама ќе одлучи дали ќе игра во баражот за Светското првенство во Катар 2022 година. Нашите момци имаат неколку сценарија, но најслаткото секако за цела нација е победа против „рибарите“ за голем исчекор кон уште еден исторски момент.

И додека во Македонија сите се еуфорични за дуелот со Исланд, насловните станици и социјални мрежи во сите медиуми се исполнети со најразлични информации за оваа средба, во земјата од која доаѓаат противничките фудбалери ситуацијата е сосема спротивна.

Атмосферата за СПОРТМЕДИА ни ја пренесува македонскиот стратег и поранешен ракометар, Стевче Алушовски, кој од ова лето е на кормилото на Тор Акурејри, клуб кој се натпреварува во Втората лига по ранг во Исланд.

Алушовски го затекнавме во главниот град, Рејкјавик. Место од кое најдобро може да се види дали Исланд денеска дише во знакот на фудбалот.

„Токму денеска се наоѓам во Рејкјавик“, ни вели Алушовски и продолжува:

„Искрено тука нема еуфорија, ниту пак атмосфера дека се игра некој фудбалски натпревар. Зборував и со мојот помошник за мечот меѓу Македонија и Исланд, како што кажав ништо посебно.

Сигурно знаете дојде до промена на претседателот откако излезе голем скандал. Па репрезентацијата не е во преден план.

Не знам, но јас лично добивам впечаток дека луѓето не се загреани за фудбал, ниту пак за денешниот меч против Македонија“.

И тој како сите Македонци ширум светот, им испрати поддршка на фудбалерите и струшниот штаб со желба нашата земја да се најде на новото големо натпреварување.

„Во секој случај, на фудбалерите и целиот стручен штаб им посакувам среќа на дуелот со Исланд и пласман во баражот за Светското првенство. Спортот носи радости, Македонија заслужува да живее големи спортски моменти“, порача Алушовски, кој најдобро знае со каков притисок се соочуваат фудбалерите, тој беше дел од ракометната репрезентација на Македонија.

Кога сме кај еуфоријата, се добива впечаток дека Исланд е поголем хит во Романија отколку во својата земја. Секако причината е јасна, само „рибарите“ можат да ја однесат Романија во баражот. Но, да не заборават Македонија игра пред полни трибини, ќе го има најважниот играч на теренот – Фалангата.

ПретходноРоналдо VS Србија, кој во Катар а кој во бараж, и на “Пољуд“ ќе “гори“!
СледноИсторијат: “Рибарите“ дома двапати сме ги “мачкале“ без примен гол!