Со голот на Александар Митровиќ во 90. минута, Србија направи сензација во Лисабон совладувајќи ја Португалија на гости со 2:1 и со тоа обезбедувајќи си директен пласман на Мундијалот во Катар. Португалците кои беа големи фаворити успеаја да поведат рано, уште во 2. минута преку Ренбато Санчез, но тоа не ги поколеба гостите да притискаат, што на крајот им се исплатеше.
Во 33 минута Тадиќ успеа да израмни на 1:1, а во текот на целото второ полувреме, иако Португалците размислуваа како да го потрошат времето за игра, Србија успеа да искористи шанса во судиското надополнување, да погоди преку Митровиќ и да донесе голема радост за нашиот северен сосед. За Португалија како утеха, остана пласманот во баражите во март.
Шпанија вечерва со минимални 1:0 ја совлада Шведска со голот на Мората во 86. минута од мечот. Тоа беше сосема доволно „фуријата“ да заврши на првото место во групата и да си обезбеди карта за Катар. Шведска како втора ќе игра во баражите.
Во останатите дуели вечерва кои немаа посебно резултатско значење, Грција одигра само 1:1 со Косово надомашен терен, додека Р. Ирска со 3:0 го совлада Луксембург на гости.