Македонија е во баражот за пласман на СП во Катар. Го победивме Исланд со 3:1, ги освоивме тие три бода и сега сме во високото друштво. Ни требаат уште две скалила да прескокнеме за да го видиме Катар.
За Спортмедиа свој стручен коментар дава Горазд Михаилов, стратегот на Силекс, кој има работено и тоа со успех, како тренер во Исланд.
“Заслужено го совладавме Исланд. Победи индивидуалниот квалитет на Барди, Алиоски, Елмас и останатите. Кога се играат вакви натпревари каде императив е победата и ништо друго, за очекување беше да бидеме под притисок, но успеавме да се справиме со него“ вели Михаилов.
СЕ НАСЕТИ ДЕКА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ДОМИНИРА
Во продолжение од својата анализа тој потенцира…
“Исланд дојде во Скопје да не загуби, но по раниот гол се насети дека ние ќе доминираме, Македонија ќе доминира. Можеби не одигравме како во Ереван, но сепак и по голот кој што го примивме бевме далеку подобри и беше само прашање кога одново ќе дадеме гол. Многу е важно што не потлекнавме на императивот победа и по примениот гол покажавме карактер кој е многу битен за една репрезентација“.
Тој смета дека одлично функционирале сите линии.
„Апсолутно. Посебно левата страна каде со ротација на местата Трајковски и Елмас го правевме потребниот вишок. Така падна и првиот, но и третиот гол. Барди диригираше во средниот ред, ако се додаде дека недостасуваа Адеми, Николов и Ракип, тоа е јасно дека тука ќе бидеме уште посилни“.
ЕЛМАС СТАПУВА НА СЦЕНА…
“По голот кој го примивме на сцена стапи Елмас кој во стил на голем играч ги реши `рибарите` и го покажа сиот свој фудбалски раскош. Во оваа победа треба да ги пофалиме сите инволвирани во овој успех. Целта е остварена, се пласиравме во баражот и сега со нетрпение ги очекуваме наредните противници“ констатира Михаилов.
Според него најважно е што оваа репрезентација продолжува со трендот на успеси…
“Да, да. Се продолжи тој тренд. Затоа мораме да бидеме задоволни и во секој момент да ја поддржуваме репрезнетацијата, бидејќи со успесите на А- тимот добиваат сите, клубовите, играчите, тренерите и секако Македонија как држава. Победи спортот – фудбалот и не обедини со самото тоа ја промовира нашата држава во светски рамки“ заклучи Горазд Михаилов.