Фудбалската репрезентација на Швајцарија со убедлива победа од 4:0 го освои првото место во групата „Ц“ од евро-квалификациите за СП 2022, оставајќи го европскиот шампион Италија да игра бараж за мундијалско место.
Италијанците вечерва одиграа само 0:0 против С. Ирска на гостински терен, што ги остави на второто место во групата и ги смести меѓу репрезентациите кои ќе играат бараж дуели во март идната година, меѓу кои и нашата фудбалска репрезентација.
Уште еден неверојатен меч вечерва одиграа Англичаните. Тие на гостувањето кај Сан Марино ја потврдија првата позиција во групата со фантастична победа од 10:0, што за нив преставува историски највисоката победа која ја имаат остварено во еден квалификациски меч за ЕП или СП. Досегашниот рекорд беше 9:0 против селекцијата на Луксембург и тоа во два наврати во 1960 и 1982 година.
И вечерва во дресот на „Гордиот Албион“ блескаше Хари Кејн кој постигна 4 гола во првото полувреме.
Шкотска, пак, и го нанесе првиот пораз на Данска во овој квалификациски циклус и тоа во последното коло од групата „Ф“. Шкотите кои ќе играат во баражот, вечерва славеа на својот „Хемпден Парк“ со 2:0 со головите на Сутар и Адамс.
Изненадување направи Унгарија која и нанесе пораз на Полска среде Варшава. Домашните почнаа ослабени без најголемите ѕвезди во тимот Левандовски, Криховјак и Глик, што беше одлична шанса за Унгарците да дојдат до победа за крај на овој квалификациски циклус.
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022
ГРУПА „Ц“
С. Ирска – Италија 0:0
Швајцарија – Бугарија 4:0
ГРУПА „Ф“
Австрија – Молдавија 4:1
Израел – Ф. Острови 3:2
Шкотска – Данска 2:0
ГРУПА „И“
Албанија – Андора 1:0
Полска – Унгарија 1:2
Сан Марино – Англија 0:10