Историски квалификации: Најдобар пласман, најмногу победи, најмногу голови и бараж за СП!

427

Вчера завршија квалификациите за пласман на СП во групата Ј. Познато е дека Македонија со победата над Исланд заврши како втора и со тоа за првпат се пласира во бараж за пласман на Мундијал.

Од самостојноста на нашата држава, ова за Македонија беа вкупно осми квалификации за СП и беа историски. Велиме историски зошто беа најдобри до сега од наш поглед на видување на нештата.

Досега репер ни беа првите квалификации за СП во Франција 1998, но и тие ги надминавме.

Имено никогаш досега, ама баш никогаш Македонија не била втора во групата како сега. Најдобар пласман ни бил на 4.место и тоа во неколку наврати. Сега завршивме со 5 победи, што е наш рекорд, од тие пет победи дури три беа на гости а една и тоа против Германија. И никогаш како досега само двапати сме поразени. Секако дека ова е фантастичен успех.

Постигнавме вкупно 23 голови, и тој рекорд од 22 голови во едни квалификации го поминавме. Да споменеме дека од тие 22 голови во тие квалификации за СП во 1998, половината беа против Лихтенштајн во таа историска победа од 11:1.

Македонија во овие квалификации славеше победи над Лихтенштајн во двата меча, против Ерменија на гости, против Германија на гости и со Исланд дома. Нерешено беше со Романија и Ерменија дома и со Исланд на гости. Загубивме од Романија на гости и од Германија дома.

Секако дека за ова треба да им се честита на селекторот Благоја Милевски и неговиот претходник, на играчите, на ФФМ, на фановите и на сите оние кои беа инволвирани во и околу репрезентацијата.

Ова е успех по кој сите ние треба да биде горди.

ПретходноНекогаш играа заедно во Лидс, сега се најдоа во Скопје!
СледноВЕЛИЧЕНСТВЕНО: Арената блескаше со македонските знамиња…