Репрезентацијата на Македонија до 21 година денеска на тренинг центарот „Петар Милошевски” го одработи последниот официјален тренинг пред утрешниот меч против моќната селекција на Франција во рамките на 6. коло од квалификациите за пласман на Европското првенство 2023 во Романија и Грузија.
Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Драги Канатларовски со нетрпение го очекува утрешниот натпревар, вели дека сите негови фудбалери се максимално подготвени и со нетрпение го очекуваат утрешниот мечот против триколорите.
„Франција е апсолутен фаворит во оваа група, силна репрезентација која располага со голем фонд на играчи кои имаат голем потенцијал и настапуваат во најсилните лиги низ Европа. Првиот натпревар против нив таму го загубивме убедливо со 3:0, но на претходните четири натпревари успеавме да останеме непоразени. Се надеваме дека серијата без пораз ќе ја продолжиме и против Франција. Играме на домашен терен, пред домашна публика, сите со нетрпение го очекуваме овој натпревар. Момците имаат голема желба, подготвени сме и физички и психички за голема борба во сите 90. минути. Одработивме одлични подготовки, напредуваме од меч во меч, а тоа се виде и на дуелот со незгодната селекција на Украина. Оваа репрезентација е подготвена да се надигрува и натпреварува со секоја селекција.“
Избраниците на селекторот Драги Канатларовски, во досегашниот тек од квалификациите имаат забележано една победа, три нерешени средби и еден пораз.