Последна рунда до СП 2022: Последниот патник за Катар се решава во Ротердам

608

Денеска и официјално завршуваат евро-квалификациите за пласман на Мундијалот во Катар. На програмата се последните 7 натпревари, а еден од нив е решавачки за првото место и директниот пласман на СП 2022. Станува збор за дуелот од групата „Г“, каде Холандија мора максимално сериозно да го одигра натпреварот против Норвешка во Ротердам и со победа да го завери првото место.

И на Норвежаните им треба само победа за да можат да сметаат на директен пласман на Мундијалот, но во исто време и Турција која гостува во Црна Гора има идентичен број бодови како и Норвешка, па со победа, Турците можат да се надеваат најмалку на бараж.

Доколку победат Норвешка и Турција за првата позиција ќе ја решава гол-разликата, а Холанѓаните во тој случај остануваат со празни раце.

Во групата „Д“ светскиот првак Франција веќе е сигурно прв, а Финска и Украина војуваат за второто место кое води во баражите. Финците имаат два бода повеќе и минимална предност во гол-разликата, но ќе имаат тежок натпревар против „галските петли“ во Хелсинки. Украинците ќе гостуваат во Босна и Херцеговина, која веќе ги загуби шансите за второто место. Доколку Украина не победи, Финска ќе заврши на второто место дури и со пораз од Франција.

Белгија ќе заврши како победник во групата „Е“. „Црвените ѓаволи“ денеска гостуваат во Велс во меч кој е важен за „змејовите“. Герет Бејл и компанија се втори со 14 бодови, но доколку загубат ќе и дадат шанса на Чешка (11) да ги престигне. Чесите ја пречекуваат Естонија и се очекува да победат без поголеми проблеми. Освен победа, тие ќе мора да одат на што поубедлив триумф, за да искористат „кикс“ на Велс за пласман во плеј-офот. Во баражите ќе учествува и третиот од групата, но како квалификант од Лигата на нации.

ПретходноДалас во голем стил го запре Денвер, но се повреди Дончиќ (ВИДЕО)
СледноРакометарките ќе имаат две контроли со Србија