Милевски: Убаво ќе биде да ги избегнеме Португалија и Италија…импонираат зборовите на Панчев!

1336

Македонија е во еуфорија. Македонија едвај го чека 26 ноември кога ќе се знае која селекција ќе ја добиеме во 1/2 финалето од баражот за пласман на СП. Познати се можните противници, а за тоа да сме во ваква еуфорија голема заслуга има и селекторот на А- репрезентацијата Благоја Милевски, кој за “Спортмедиа“ истакнува…

Сите репрезентации што се во баражот се ТОП репрезентации, сигурно и Македонија. Не случајно сме тука каде што сме. Немам некои посебни желби, неблагодарно сега јас да истрчувам со изјава ја сакам таа и таа за противник, да имам свои желби. Ако веќе инсистирате тогаш да кажам дека пожелно би било во 1/2 финалето да ги избегнеме Италија и Португалија, иако и ако ни се паднат тие ние нема да се предаме предвреме. Тука се уште Русија, Шведска, Шкотска и Велс. Мислам на полуфиналето. Ќе се обидеме да стигнеме до Катар, ќе го дадеме својот максимум па и повеќе од тоа. Има доволно време до март да се подготвиме“ вели селекторот.

На прашањето дали по поразот од Германија навистина во себе веруваше дека може да се дојде до тоа второ место во групата -Ј, Милевски истакна.

Да, апсолутно. Ќе кажам дека и претходно, по септемврискиот циклус, кога на сите три меча одигравме нерешено јас бев убеден дека можеме да дојдеме до бараж. Посебно ако се знае како ние одигравме, каква игра прикажавме. Јас знае дека со Ерменија на гости ќе ни биде полесно, така и беше. Бев оптимист, а беа оптимисти и играчите. На крајот ете успеавме и секако дека сум среќен за сета оваа еуфорија која владее во нашата земја“ потенцира Милевски за “Спортмедиа“.

Дарко Панчев во изјава за медиумите едноставно не криеше дека е воодушевен од овој успех од играта на репрезентацијата и од тоа дека со Милевски сега Македонија игра офанзивно, на гол повеќе, доминира.

Секако дека годат и импонираат зборовите на еден Дарко Панчев. Зарем треба да се трошат зборови за тоа кој е Дарко, еден од најдобрите фудбалери на овие простори во историјата, и не само во Македонија. Зборовите на Панчев имаат своја тежина, без разлика дали те критикува или те фали. Сакам уште еднаш да кажам дека сум горд на овој успех, кој е заеднички на сите. На играчите, стручниот штаб, на Фудбалската федерација која ни овозможи идеални услови, која ни беше главна логистика, потоа ова е успех и на фановите на репрезентацијата кои навиваа за Македонија, на цела јавност. Верувајте, ние како репрезентација не се задоволуваме само со пласманот во баражот. Сакаме да одиме на Мундијалот во Катар, во март ќе дадеме се од себе, а ќе видиме дали ќе успееме во тоа, Јавноста треба да верува во оваа Македонија“ заврши Благоја Милевски.

ПретходноЗидан побарал екстра услови за да биде тренер на Јунајтед!
СледноКаратистот Емил Павлов ќе се бори за злато на СП во Дубаи!