Уште од синоќа се познати сите патници во баражот за СП во Катар 2022 година. Се разбира дека меѓу тие 12 репрезентации кои ќе се борат за трите “визи“ за Мундијалот е и Македонија. Ова е историски успех за нашите “рисови“ кои не престануваат да не радуваат со своите победи и успеси.
Познато е дека Македонија за ждрепката на 26 ноември ќе биде во групата на неносители, па така во полуфиналето домаќин ќе ни биде една од следните селекции – Италија, Португалија, Русија, Шведска, Шкотска и Велс.
Зарем треба да се каже дека сите ние сакаме учество во Катар, но тешко или пеколно тешко ќе ни биде ако ги добиеме Италија или Португалија, сегашниот и претходниот европски првак. Па така, ако веќе мораме да бираме тогаш најдобро во полуфиналето ќе биде да гостуваме кај Шкотска или Велс. Вака на хартија овие две селекции би биле идеални ривали за избраниците на селекторот Благоја Милевски.
Ќе биде тешко и со Русија и Шведска, но и тие се подобри варијанти отколку да играме против Италија или Португалија на нивни терен.
Да повториме, ждрепката е на 26 овој месец, а баражите се играат во март.
Во случај да го минеме полуфиналето тогаш во евентуално финале би можеле да играме во Скопје, се разбира ако ждрепката така одлучи.