Вардар 1961 не успеа да стави крај на црната серија во Лигата на шампиони. Македонскиот тим на гостувањето кај Пик Сегед е совладан со 34-31 (17-15) со во рамките на седмото коло во Лигата на шампиони за четвртти пораз во низа, кој дефинитивно го вклучува алармот.
Избраниците на Веселин Вујовиќ ќе имаа шанси да дојдат до поинакво сценарио да не беа бројните почетнички грешки кои ги правеа во моментите кога беа близу да напраат пресврт. Не беше Пик Сегед толку добар, колку што „црвено-црните“ грешеа. Шанса за реванш Вардар ќе има на 25. ноември кога го пречекува истиот противник.
Македонскиот првак се мачеше во првото полувреме, се до моментот додека на голот застана Мартин Томовски (влезе во 10. минута), со шест интервенции го врати својот тим во игра. Наместо негативата од пет гола, Вардар со серија од 4-0 изедначи на 13-13 во 25. минута. Кевин, Оливие и Дибиров, одлично ги крунисаа одбраните.
Најголем проблем на македонскиот тим беа почетничките грешки, токму поради нив на полувремето замина со минус два (17-15).
Blink and you’ll miss the assist! Timur Dibirov on 🔥 @HCVardar 🔮⭐️ #ehfcl pic.twitter.com/x7lITgFcoh
— EHF Champions League (@ehfcl) November 18, 2021
Пик Сегед брзо ги казнуваше, во овој дел само еднаш поведе и тоа на стартот (1-2). Унгарскиот првак плус четири имаше во 16. минута, Фримел од седум метри погоди за 11-7.
ВАРДАР САМ СЕ ТУРКАШЕ ВО „КАЛТА“
Во вториот дел, Кевин Њокас, Дибиров и Талески, секако по одбрана на Томовски одново изедначија, беше 18-18 во 33. минута. Македонскиот репрезентативен голман продолжи да блеска, но неговите соиграчи не знаеја максимално да го искористат тоа. Имаа шанса дури и да поведат, но брзоплето ги решаваа нападите. Вардар сам се туркаше во „калта“, да ги намалеше грешките, ќе беше поинаку.
Пик Сегед држеше позитива од два до три гола. Миклер фати два зицери, Фримел со гол од седум метри погоди за 28-24 во 49. минута, македонскиот тим беше четири минути без постигнат гол.
Вујовиќ повика тајм-аут. Томовски со нова интервенција го разбуди својот тим, во последните десет минути Вардар намали на два гола (28-26). Во 25. минута, домаќинот дојде на плус четири (32-28) благодарение на Миклер. Грешките се повторуваа и по новите 32-30, па јасно беше дека оваа средба ќе заврши во корист на унгарскиот првак.
Томовски беше најдобриот поединец на Вардар со 13 интервенции, Дибиров кој прослави јубилеј постигна седум гола од 10 обиди, шест погодоци имаше Гаџа од осум обиди, Џукиќ запиша пет гола. Фримел беше без грешка на другата страна, запиша девет гола од исто толку обиди.