Извор Bitola News
Пред натпреварот на КК Пелистер АД Битола со ривалот КК Работнички Скопје, кој ќе се одигра утре од 20 часот во Битола, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, присуствуваше на вечерашните подготовки на кошаркарите за утрешниот дуел.
Како што пренесува „Bitola News“ градоначалникот бил детално информиран за досегашните постигнувања, но и за проблемите со кои се соочува клубот, после колективната оставка на раководството, како и за потребата од брзо надминување на истите. Во овој контекст, градоначалникот им вети поддршка, нагласувајќи дека локалната самоуправа стои зад нив.
„Ви благодарам за поканата, сакам да ве поздравам сите и се надевам дека ќе бидам се почесто присутен, тука, на овие трибини. И да се радуваме на многу победи. Како општина Битола, како градоначалник, сакаме да застанеме зад Вас. Вашиот тренер, како гарант, заедно со Вас, врвни играчи професионалци, сте луѓе кои сте тука да ни го обелат образот на Битола и од Битола да направат една убава приказна. Се надевам дека ќе продолжиме заедно и понатаму и заедно ќе се радуваме на многу победи. Ќе се потрудиме да направиме се што треба, во границите на нашите можности, во рамките на нашиот буџет, да ви се овозможат сите потребни услови. Ви посакувам победа на натпреварот против Работнички“, им порачал градоначалникот Коњановски на кошаркарите.