Осоколени по триумфот над АЕК на гостински терен, каде ракометарите на Е. Пелистер одиграа навистина квалитетно, утре се посакува нова победа на мечот против Татабања, тим од Унгарија.
Секако дека нема да биде лесно, посебно ако се знае дека гостите во последно време играат во добра форма, но сепак Е. Пелистер верува во своите квалитети.
За тоа што може да се очекува од утрешниот меч во Европската лига, свое видување има тренерот на битолчани, Жељко Бабиќ.
“Татабања има нова енергија во тимот со таа промена на тренерот. Тоа може да се види на нивните последни мечеви. Ние можеме да очекуваме да играме против тим кој што посакува да игра со долги напади, да биде трпелив, тим кој што има цврста одбрана. Имаат добра контра, тоа е типичен европски тим“ истакнува стратегот на битолчани.
Не е тајна дека формата на Е. Пелистер во последно време оди нагоре.
“Играчите максимално работат, посветени се, имаат голема желба. Кај нас мерило се само резултатите, за жал, тоа го знам по мене, но и по другите колеги. Ние сите работиме, но понекогаш победуваш, некогаш не. Тука своја улога имаат и повредите. Ние не смееме да “преспиеме“ на ниту еден меч. Среќни сме по бодовите освоени на гости, а сега ќе дадеме се од себе да дојдеме до победата и ќе сториме се да ја продолжиме низата на позитивни резултати“ заврши Бабиќ.
Инаку утре мечот меѓу Е. Пелистер и Татабања во Битола, е закажан за во 18:45 часот.