Капитенот на Манчестер Јунајтед Хари Мегваер прокоментира дека сите играчи се одговорни за разделбата со менаџерот Оле Гунар Солскјер по слабите резултати. Норвежанецот го напушти кормилото по тешкиот пораз од Вотфорд со 1:4.
„Го почитуваме Оле. За нас како играчи не е лесно што тој си замина. Сите треба да преземеме одгвоворност. Во крајна сметка тренерот го плати цехот за нашата лоша игра. Знаеме дека не бевме доволно добри. Зборувавме за тоа. Кај нас има желба да ги смениме работите на подобро“, изјави Мегваер кој на мечот со Вотфорд доби црвен картон и го остави тимот со играч помалку во последните 20 минути.
„Не сме добри, ни како индивидуалци, ни како колектив. Треба да најдеме сила во себе да ги насочиме работите во вистинска насока. Тренерот дојде и зборуваше со нас. Тоа беше емоционален ден. Тој е легенда на клубот и таков ќе остане без разлика што се раздели на ваков начин“, додаде дефанзивецот.
Манчестер Јунајтед го чека дуел со Виљареал во групата Ф. „Ѓаволите“ се лидери со 7 поени исто колку и Виљареал, Аталанта е трета со пет, а Јанг Бојс има три поени.