КОМЕНТАР НА 14.КОЛО: Чаир “ЕКСПРЕС“, фудбал за уживање во Струмица…

499

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Шкупи многу брзо се рехабилитира по она што му се случи во 13.коло во Ѓорче. Цехот во ова 14.коло го плати Пелистер и тоа со камата. Момците на стратегот Гоце Седлоски покажаа дека немаат намера да си играат “играчки“. Па така без разлика што беа фаворити и тоа апсолутни, не го потценија “фенерџијата“, одиграа најдобро што можат и ги “наполнија“ битолчани и тоа со пет голови во мрежата.

Така игра една шампионска екипа, не му дава грам надеж на ривалот дека може да дојде до било какво изненадување.

Секоја чест за Шкупи, но сепак, пред се, секоја чест за Академија Пандев и Тиквеш. Сите оние што беа на стадионот во Струмица или што преку “Спорт Клуб“ го проследија овој натпревар, просто уживаа во него. Се чини го добиваме најубавиот меч сезонава. Мајсторија на Мартин Мирчевски, на сите во редовите на “пандевци“, но како одигра и Тиквеш, едноставно одлично. Тие 3:2 и победата на домашниот тим беа заслужени, но ако Тиквеш дојдеше барем до бод немаше да биде незаслужено. Овој тим на кавадарчани допрва ќе покажува знаци на квалитет. Посебно убава беше глетката од трибината каде беа “Лозарите“, најверните фанови на Тиквеш. Тие во текот на целиот меч не престанаа да им ја даваат поддршката на своите миленици. Самиот тек на мечот, на тоа како се движеше резултатот, од 1:0, па 1:1, 2:1, 2:2 и на крај 3:2 кажува многу.

РАБОТНИЧКИ ТОНЕ НА ТАБЕЛАТА, А МУКИ ПОБЕДУВА

Со нетрпение се очекуваше настапот на Работнички, односно гостувањето кај Струга Трим Лум со новиот тренер Борче Христов. Работнички покажа агресивност, цврстина, желба за победа, но пак таа реализација целосно потфрли. Прекрасниот гол на Цаке за победа на стружани падна само неколку минути подоцна откако гостите не искористија два зицера. Очигледно е дека Христов го чека тешка задача, а Работнички за околу 1,5 месец дојде до тоа да биде од делба на првото место на табелата до зоната за бараж.

Шкенија победи со Брегалница, но херој на мечот е голманот на гостите Давид Денковски. Младинскиот репрезентативец покажа вистинска голманска мајсторија. Два одбранети пенали и четири зицери. Сето ова кажува дека малиот Давид ја спаси Брегалница од убедлив пораз во Тетово. Сепак за Шкендија најважни се трите бода.

Муарем Бајрами е херојот на Македонија ЃП. Под негово водство “лавовите“ играат како препородени, па после нека каже некој дека не е до тренерот. Таа иста екипа претходно губеше од кого стигнеше, а со Муки на клупата победува кого ќе стигне. Не е мала работа да победиш на една Автокоманда и тоа да го свртиш резултатот од 1:0 во 1:2 за тебе како гостин.

Ренова одново е во форма. Не е важно колку и што одигра Борец, поважно за “гипсарите“ што по малото затишје одново ги “делкаат“ своите противници.

Во среда се игра 1/4 финалето во Купот на Македонија. Дербито се игра во Ѓорче, се среќаваат Македонија ЃП и Шкупи, додека во Битола гостува Вардар. Во Кратово тимот на Силекс ќе се обиде да ја изненади Брегалница. Најтешко ќе и биде на Струга ТЛ која гостува кај Шкендија.

ПретходноТрагедија: Починал од преголема радост по триумфот на Фенер над Галата!
СледноСаутгејт останува селектор на Англија до 2024!