По пауза од повеќе од четири години, Кирил Николовски е дел од нашата најдобра селекција. Неговиот последен меч за сениоорите беше уште во август, 2017 година, на гостински терен во Талин, против Естонија.
Поесебен предизвик за Николовски е играњето во светските квалификации, и вакви натпревари, како на пример оној во петок навечер, против актуелниот светски шампион – Шпанија.
„Свесни сме за тоа, огромен предизвик за сите нас кои се собравме тука, е да се обидеме да дадеме максимум од своите можности. До каде ќе нè доведе тоа во еден ваков натпревар, ќе видиме. Имаме неколку дена за одработување.
Што може да се очекува од овој меч? Реално, и искрено посакувам да се ‘потрошиме’, да одиме до крајот. Да видиме колку навистина сме подготвени да играме против, освен САД, веројатно и најдобрата европска репрезентација во овој момент. Освојувач на светското злато, без оглед на имињата во ростерот кој е најавен за нивното гостување во Скопје“.
Николовски се познава со поголем дел од кошаркарите, па посакува да помогне во ова ново искуство за сите.
„Па не, иако излегува дека сум меѓу оние најискусните во ростерот. Секако дека добро се познаваме, овен тоа имаме големи мотиви. Но ќе повторам за мене е најважно да дадеме се од себе. Лично, би сакал добрата форма од натпреварите во домашниот шампионат да ја пренесам на теренот во овие два натпревари. Да помогнам колку што можам. Искрено, не би имал ништо против да имаме една победа во овие два натпревари кои се пред нас“– дополнува Николовски.