Анкета-1: Добро ќе биде да ги избегнеме Португалија и Италија!

507

Во петок ќе се одржи ждрепката за баражот за пласман на СП во Катар 2022 година. Во неа ќе биде и нашата најдобра фудбалска репрезентација. Македонија со пласманот во баражот оствари историски пласман, сега остануваат уште два чекори до фантастичен успех, а тоа е учество на Мундијалот.

По тој повод “Спортмедиа“ до петок во три дена, ќе ги прашува нашите познати фудбалски фаци, некогашни селектори, екс репрезентативци, лица од стручниот штаб, актуелни репрезентативци…кои селекции за нас се (не)посакувани ривали за полуфиналниот бараж. А тие ќе ги искажат своите желби, кои вие драги читатели преку “Спортмедиа“ ќе можете да ги видите.

Да се потсетиме дека за полуфиналето во баражот можни ривали се…Италија, Португалија, Шведска, Русија, Шкотска и Велс.

Прашањето е кои три селекции се нај(не)посакувани ривали во баражот?

-МИРСАД ЈОНУЗ (поранешен селектор):

„Не треба да се биде голем филозоф и да се каже дека добро ќе биде да ги избегнеме Португалија, Италија и Шведска. И останатите се екстра силни селекции,но ако веќе Македонија стигнала до тука,тогаш треба да се даде се од себе за да се дојде до Катар. Со малку среќа во ждрепката, а јас ги посакувам Шкотска, Велс или Русија, ако веќе морам да кажам, за ривали, тогаш можеме до Мундијалот. Јас сум оптимист,зошто да не?“.

-ВИКТОР ТРЕНЕВСКИ (поранешен репрезентативец):

„Оваа генерација е златна генерација. Со новиот селектор играме уште подобро,поофанзивно, затоа искрени честитки за сите во нашата селекција. Јас верувам во нив и сметам дека имаме шанси. Кој да се падне во 90 минути тоа ќе биде вистинска битка, овие момци покажаа квалитет на сите нивоа, затоа јас верувам во нив дека може да го остварат сонот. Како што овие момци се пласираа на ЕП во Полска 2017 за младинци, како играа на ЕП ова лето, така нека се пласираат и во Катар. Шведска и Италија не ги сакам за ривали,ајде и Портуалија, но во еден меч се е можно. Другите кој сака нека се падне“.

-ЃОРЃИ ХРИСТОВ (поранешен репрезентативец):

“Она што е најважно, тоа е дека имаме континуитет на добри, одлични резултати. Оваа генерација е нешто посебно. И кога веќе сме тука, тогаш потребно е и тоа како да се обидеме, без разлика на противниците, да се пласираме на СП во Катар. Сепак, нели, треба и малку среќа. Затоа јас посакувам да ги избегнеме Португалија, Италија и Шведска. Не дека против нив немаме никакви шанси, но подобро е да играш со Шкотска или Велс, па и Русија во тоа полуфинале. Им ја посакувам сета среќа на овој свет на нашите момци и селекторот во март кога се игра баражот“.

-НИКОЛЧЕ НОВЕСКИ (поранешен репрезентативец):

“Сите се силни и тешки ривали. Сепак, верувајте дека не сме без шанси. Ако веќе стигнавме до тука,до баражот, тогаш имаме квалитет и да одиме на Мундијалот. Ако веќе морам да бирам тогаш би одбрал да ги одбегнеме Португалија и Италија, тие се големи, силни репрезентации, фаворити и за титулата на СП. Во тој круг би ја ставил и Шведска или Русија, ај нека биде Шведска ако морам да се изјаснам. За ривали би ги сакал Велс и Шкотска“.

-АРТИМ ШАЌИРИ (поранешен репрезентативец):

“Ќе биде тешко, сите тие 12 селекции во баражот поседуваат квалитет за да играат на СП, секако и Македонија која во последно време тоа го докажа со своите настапи и резултати. Јас верувам во овие момци, знам дека ќе го дадат својот максимум па и повеќе од тоа за да не израдуваат и испишат историја. Лично не би сакал за ривали да ги добиеме една Русија, Италија и Португалија.Видете, се игра еден меч, се е можно, но зарем треба да се говори за Италија и Португалија. Според мене подобро ќе биде да ги одмериме силите со Шкотска и Велс, или Шведска ако веќе морам да бирам“.

ПретходноИбрахимовиќ откри до кога ќе игра фудбал
СледноЕкс-шеф на Рубин: Можевме да го земеме Лукаку, но татко му не го пушти во Русија