✍️ Марија Ковачева
Македонската кошаркарска репрезентација по долго време конечно направи чекор напред. По неуспешнитеквалификациски циклуси за Европските првенства, како и едни претквалификации, „цврено-жолтите“ излегоа од сивилото.
Македонија за првпат во својата историја ќе се бори за мундијалско место. Низ годините наназад од последното континентално натпреварување во 2015 година, кошаркарите минуваа низ „сито и решето“, но не се откажуваа, дојдоа до резултат кој ќе има даде ветер во грб.
СПОРТМЕДИА пред стартот на квалификациите за СП 2023 година направи краток разговор со генералниот секретар на КФСМ, Владимир Георгиевски.
⭕️ Македонија за првпат ќе се бори за место на еден Мундијал, што значи овој успех за нашата земја?
„Овoј успех многу значи, особено за репрезентативците, за зголемување самодовербата, ќе имаат шанса да видат до каде се. Резултатот е важен и за процесот на промена на генерацијата, која полека ја правиме, се уверија дека имаме квалитет.
Претходниот циклус одлучуваше дали ќе одиме чекор надоле поточно ќе бидеме во друштво на претквалификантите, или ќе одиме нагоре и ќе бидеме заедно силни европски селекции.
Од друга страна пласманот во овие квалификации во Скопје носи квалитетни противници како актуелниот светски првак Шпанија и други европски репрезентации“, вели генералниот секретар на КФСМ.
⭕️ Шпанија, Украина и Грузија, се противниците на Македонија во првата фаза од квалификациите за СП 2023. Што може да очекуваме, имаме ли квалитет да ја поминеме групата?
„Во изминатиот период видовме дека резултатите зависат од составите. Македонија треба да биде комплетна за да ја знаеме виситинската сила. Во последно време постојано имаме проблем со повредите, ако игра Нено, тогаш некој друг е повреден. Затоа никој не е сигурен во резултатите, ова важи и за останатите репрезентации.
Секој победа е добредојдена, не се предаваме, дај боже во петок против Шпанија да биде неизвесно до крајот. Искрено не знаам дали е добро што доаѓаат во послаб состав, бидејќи сигурно нивните играчи ќе бидат мотивирани. Имаме многу примери кога репрезентациите играат со втор состав, тогаш навистина се опасни. Но, јас верувам во оваа репрезентација, сигурен сум дека кој ќе го даде максимумот, а Македонија одново ќе расте во светот на кошарката“.
⭕️ Со оглед дека станува збор за Светски првак, дали Шпанија има посебни барања до нашата федерација?
„Шпанците немаат посебни барања, можам да кажам дека ФИБА е таа што поставува услови. За првпат сме организатори на квалификациски мечеви за Светско првенство, барањата на ФИБА се големи, нормите се високи, се внимава на секој детал.
Шпанија доаѓа со делегација која брои 35 луѓе, заедно со претседеталот Хорхе Гарбахоса. Имаме одлични односи со него и со шпанската федерација, особено претседателот Перо Антиќ, кој се знае од времето кога беа играчи, тие се добри пријатели“.
⭕️ Каков е интересот за дуелот со Шпанија, дали се продаваат билетите?
„Интересот за мечот е голем. Искрено телефоните постојано ѕвонат, од спортски работници до клубови, се распрашуваат за билети. И самата продажба е добра, во првите два дена се продадоа 500 билети, веруваме дека дозволениот капацитет ќе биде распродаден, бидејќи во Скопје секој ден не доаѓа светскиот првак. Очекувам да биде вистински празник на кошарката“.
⭕️ Како федерација што променивте во работата на националниот тим. Што е поразлично од минатите години?
„Од циклус во циклус постојано се работи на скаутинг и пратење на играчите и на нивните резултати. Го променивме принципот на работа, секој на тренинг доаѓаше од своја страна, сега сите се сместени во хотелот „Хилтон“ во карантин, постојано се заедно што пак е многу важно во грање на тимскиот дух.
Ние како федерација се обидуваме да ги мотивираме со премии и награди, истите ќе бидат дефинирани, а кошаркарите соодветно наградени, дополнително ќе ве информираме за тоа. Се трудиме да им ги пружиме сите услови од опрема до сето она што треба да го има еден национален тим“.
⭕️ Зошто одлучивте токму Драган Бајиќ да биде селектор, што беше пресудно?
„Нашата главна идеја беше да донесеме селектор кој нема опашка, кој нема лошо минато со ниту еден играч. Бајиќ има за задача да направи база, го повика младите кошаркари и секако дел од оние поискусни кои претходно немаа голема шанса. Имаше можност да види кој од кошаркарите карактерно, но и според квалитет може да биде дел од репрезентацијата.
Бајиќ е еминентно име во кошарката, беше шампион во јадранската лига, прогласен за најдобар тренер. Можеби неговиот пристап е построг, не толерира недисциплината, сака работите да му бидат подредени, мора сите кошаркари да бидат 24 часа посветени. Тој влезе со жар во оваа приказна, брзо се договоривме“, вели првиот оперативец на нашата федерација.